Како да го бањате вашето куче

				 
Зависно од расата, возраста и колку време поминува на отворено, се одредува колку често треба да го бањате кученцето. 
Со што почесто бањање, се гребе крзното на кучето, се отфрлаат неговите природни масла и неговата кожа станува сува. Токму поради ова, во просек, се препорачува кучето да се бања еднаш на секои 2-3 месеци, не вклучувајќи ги брзите итни бањи по потреба. 
Пред се, снабдете се со потребните алатки, како на пример: чешел, четка, шампон, пешкир и слично. Пред да започнете со бањање, од голема важност е да го исчешлате вашето куче. Со помош на чешлањето се отстрануваат оштетните влакна и се спречува митарење. Доколку го бањате во када, најдобро решение за да го спречите лизгањето е да поставите гумена основа.
Користете млака вода (приближно пријатна за вашата кожа). За да бидете сигурни, пред да го ставите кученцето во вода, повеќе пати проверете ја топлината. Премногу топла вода може да му наштети. 
Бидете многу внимателни околу неговото лице, очите и ушите. Посветувајте внимание околу неговиот нос, посебно кај малечките кученца, бидејќи доколку им навлезе вода може да дојде до давење. Најдобар начин да бидете сигурни дека нема да му наштетите на кучето околу овие критични предели, е наместо директен контакт со тушот, вие со раката нежно да ги измите ушите, пределот околу носот и очите. 
Користете шампон кој е специјално наменет за кучиња, или пак, како замена можете да употребите бебешки шампон. Внимавајте да не употребувате јаки шампони. Откако ќе го нанесете шампонот започнете со масажа по целото тело се додека не направите сапуница.
Доколку кучето е исплашено и сака да избега, пробајте да го смирите со тоа што ќе му разговарате, ќе ги кажувате зборовите со кои го наградувате за неговите добри постапки и пробајте да го занимавате со некои играчки за да остане на исто место. 
Бидете внимателни околу плакнењето, затоа што доколку остане сапуница може да ја иритира неговата кожа. Исушете го кучето со пешкир или крпи. 
Избегнувајте фен, од кој што и самото куче најверојатно ќе бега, поради топлината која за него е премногу силна. Доколку преферирате да користите фен, вклучете го на многу пониско ниво од она што вие го користите за вас.